Прашајте го градоначалникотСредба со градоначалникот

preporaki baner
kvalitet vozduh
 

Буџет за 2018 година

Буџет за 2017 година

Буџет за 2016 година

Буџетите на општината за 2015 година и пред неа, а и сите измени, дополнувања и ребаланси можат да се најдат во службените гласници од 2005-2018 кои се поставени на општинската веб страница или во делот општи акти.

Социјална карта на општина Струмица

Општина Струмица достојно ги одбележа двата Илиндена

Денес пред споменикот на Гоце Делчев на истоимениот плоштад, во организација на Општина Струмица, беа одбележани 115 – годишнината од Илинденското востание и 74 – годишнината од Првото заседание на АСНОМ. За значењето на двата Илиндена, пригоден говор одржа градоначалникот Коста Јаневски, беа кажувани и стихови инспирирани од Илинден 1903 и Илинден 1944, а претставници на институции, здруженија и политички партии положија свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев.

Во својот празничен говор градоначалникот Јаневски истакна:

„Повторно е 2.Август и повторно е Илинден, ден за почит и ден за славење. Тоа е денот, кој со радост го носиме во нашите срца и души, ден кој живеел, живее и ќе живее во вековниот споменар на генерации и генерации македонски граѓани.
Денес, на овој 2. Август во ова лето 2018-то, ги славиме нашите два Илиндена одбележувајќи 115 години од Илинденското востание и Крушевската Република како прва Република на Балканот, и 74 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.
Овој наш денешен собир во чест на Илинден, е всушност освежување на сеќавањето за двата грандиозни датума од македонскиот времеплов кои најсилно го осведочуваат вековниот стремеж на Македонецот за остварување на своите национални, политички и социјални слободи и права, и реализација на сонот за самостојна и независна држава. Тоа беа историските настани и увертири кои ја најавија нашата осмосептемвриска одлучност од пред неполни 27 години, кога вековниот сон за самобитност стана јаве.
Споменарот најпрвин не враќа 115 години наназад, на 2.Август 1903 година, кога се случи непоколебливиот и јуначки восклик, да се стави точка на петвековниот османлиски јарем . Сведоштвата на многу македонски мажи, жени и деца ја одразуваа вистинската слика за неподносливото ропство. Жестокоста на аскерот и грдото лице на башибозукот, палежите, ѕверствата и убиствата на населението, ја јакнеше желбата кај народот за раскинување на тешките ропски пранги преку востаничко организирање против алчната османлиска империја, до конечно ослободување. Слободарскиот дух се повеќе јакнеше во редовите на Внатрешната македонска револуционерна организација, со организирање на населението на целата територија на Македонија и формирање комитски востанички ќелии, како предуслов за кревање востание против султанската власт. Идејата за кревање востание била недвосмислена и општо прифатена од членовите на организацијата, но постоела подвоеност во поглед на датумот за неговото кревање.
Додека едни биле на мислење дека не треба да се чека по тоа прашање, други, меѓу кои и Гоце Делчев, го застапувале ставот дека организацијата не смее да се впушта во недоволно подготвена „авантура“ за предвремено кревање на востание. Обидот да го спречи востанието, Гоце Делчев го плати со својот живот крстосувајќи ја Македонија, со цел- разубедување на оние кои правеле организаторски подготовки за истото. По неговото загинување на 4. Мај 1903 г., активностите на тој план, сепак продолжиле со несмален интензитет.
Па така, на денешен ден, започнало познатото и славно Илинденско востание во Македонија со постигнување голем успех на Битолскиот револуционерен округ.
Првин било ослободено Смилево, па Крушево - центарот на востанието, по што следувало ослободување на Клисура и Невеска , но и на многу други градови и села во Македонија. На тој начин била востановена Крушевската република како прва република на Балканот, настан кој како гром одекнал во Европа и светот. За жал, по десетдневното опстојување на Крушевската република, Илинденското востание во крв било задушено на Мечкин Камен, но големиот подвиг на востаниците ја издигнаа Илинденската епопеја на пиедесталот од македонската историја.
По првиот Илинден во 1903 година, само 41 година подоцна, или на 2.Август 1944 година, на Македонија и се случи и вториот Илинден, како епилог на уште една значајна епизода од македонскиот вековен стремеж, да се биде свој на своето. Станува збор за Првото заседание на АСНОМ одржано во манастирот Св. Прохор Пчињски, на кое беа удрени темелите на македонската држава. Тој ден, пред 74 години, во 17 часот и 15 минути, со пеење на песната „Изгреј зора на свободата“ и со речта на најстариот член на Иницијативниот одбор – Панко Брашнаров, беше отворено Заседанието, кое донесе големи историски одлуки за иднината на Македонија, кога се наѕираа и првите слободарски утра во селата и градовите низ целата татковина, а со тоа и крајот на Втората светска војна.
Во оваа прилика вреди да се издвојат судбоносните документи, како што се: Решението за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно тело и највисок орган на државната власт на Демократска Македонија, Решението за оддавање признание и благодарност на Народноослободителната војска на Македонија, Решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик на македонската држава и редица други одлуки и решенија. Беше избран и Президиумот на АСНОМ со претседател Методија Андонов-Ченто, двајца потпретседатели, двајца секретари и 18 членови.
Со тоа татковината ја доби својата физиономија како држава со цврста платформа, врз која се надградуваа сите подоцнежни белези на времето низ кое се менуваше и осовременуваше. Ете, поради овие неизбришливи факти, нашите два Илиндена се вредни за гордост и славење. Ете затоа од Илинденската епопеја и од АСНОМ-ската државотворност мора да ги ползуваме искуствата и придобивките, за нашето дејствување во интерес на Македонија и на сите нејзини граѓани. Мора да бидеме сериозни и одговорни и пред новите искушенија и предизвици кои се пред нас, и со заеднички мудри ангажмани да се водиме, не од сопствените, ами од државните интереси. Тоа е наша задача, тоа е наша обврска за иднината на татаковината и за иднината на нашите поколенија. Нека ни се среќни и вековити двата Илиндена“.
© 2005-2018 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544