Советот на општина Струмица ја одржа седмата седница

Повеќе предлог – планови, програми и одлуки беа донесени на денешната седма седница на Советот на општина Струмица. Советниците го усвоија предлог планот за запишување на ученици во прва година во трите средни општински училишта во учебната 2018/2019 година. Според него вкупно можат да се запишат 1.611 ученици во 38 паралелки, а ќе биде побарано и воведување нови образовни профили. Сакам да ја истакнам точката за делумно ослободување од плаќање надоместок за уредување на градежното земјиште за објекти со природни зелени кровови што беше и во Програмата на нашиот градоначалник, Коста Јаневски, а која едногласно се усвои.

Исто така, Градоначалникот и Советот продолжуваат да даваат поддршка на наши талентирани сограѓани и помош на наши сограѓани на кои им е потребна, со определена парична помош. Сакам да го истакнам и субвенционирањето од сто евра за надоместок за приклучување на дистрибутивниот гасоводен систем за 2018 година и секако сакам да ја поздравам одлуката и на советниците на ВМРО ДПМНЕ да гласаат за годишниот план за вработување во библиотеката „Благој Јанков Мучето“ за 2018 година, затоа што е од општ јавен интерес за сите граѓани на општина Струмица и можам да кажам дека нашата библиотека е една од најдобрите библиотеки во Република Македонија. Ова едногласно гласање и на советниците од СДСМ и на советниците од ВМРО ДПМНЕ нека биде награда за целиот ангажман на директорката и нејзиното залагање во тој период со многу малку вработени, само осум и со ангажман на директорката да работи и на пултот за издавање книги и еве ова нека биде наша награда, сите ние гласавме за шест нови вработувања кои се веќе одобрени од министерството за култура и министерството за финансии. Се надевам дека во 2019 година пак  ќе добиеме согласнот за вработување, бидејќи пред 11 година во библиотеката имаше 18 вработени, рече претседателот на Советот, Марјан Даскаловски.Усвоена беше и предлог – одлуката за давање согласност за обезбедени финансиски средства за нови вработувања во ЈП „Паркиралишта – Струмица“  Струмица за 2018 година и барањето за измена и дополнување на годишниот план за вработување за 2018 година во ова претпријатие. На денешната седница едногласно беше прифатена и предлог – одлуката на градоначалникот Коста Јаневски за доделување еднократна парична помош за  новороденче на подрачјето на Општина Струмица  во 2018 година во нето износ од три илјади денари. Советниците донесоа и одлука за доделување парична помош на Ива Костевска и Ѓорѓи Брдаров.