Иновативни техники за следење и вреднување на постигањата на учениците во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од село Дабиле

Современиот техничко-технолошки развој на информатичката технологија и потребата од користење на нагледните средства и технички помагала во наставата, на учениците и наставниците од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од село Дабиле, им овозможува следење и вреднување на постигнатите резултати, прибирање на показатели за нивната активност, мотивираност за учење и обезбедување податоци за меѓусебната соработка на учениците и наставниците.

И мисијата и визијата од годишната програма за работа на ова училиште се насочени кон креативноста, интеракцијата, тимската работа и иновацијата на воспитно-образовниот процес за збогатено учење и поддршка на учениците за постигнување на што подобри резултати. Училиштето има набавено технички средства-таблети и креирана компјутерска програма за унапредување на наставата во сите сегменти според природата на повеќе наставни предмети. Со примената на новите методи и форми на работа за користење на информатичката технологија, учениците го систематизираат претходно стекнатото знаење, учат едни од други и го дознаваат нивото на постигнување преку повратна писмена информација, прикажана низ бројки на екраните на нивните таблети. Наставниците, пак преку осмислена и планирана активност, програмски ја користат ИКТ во наставата и ги добиваат резултатите за формативното оценување на учениците. Општина Струмица, во рамките на стратешките приоритети, ја дава поддршката за осовременување на воспитно-образовниот процес за постигнувањето на подобри резултати во усвојувањето на знаењата и способностите на учениците.