Општина Струмица го одбележа Меѓународниот ден без автомобили

Со велосипедско дефиле, општина Струмица денеска го одбележа 21. Септември – Меѓународниот ден без автомобили. Овој ден традиционално се одбележува во рамките на Европската недела на мобилност, која трае од 16 до 22 септември, а годинава се одржува под мотото „Комбинирај и движи се“. Дефилето за отворено го прогласи Јосиф Христов, член на Советот на општина Струмица.

Како и секоја година, така и оваа, и Светскиот ден без автомобили и Европската недела на мобилност, се одбележуваат и во нашиот град, во организација на општина Струмица. Токму поради тоа, имам задоволство да ве поздравам и од името на градоначалникот на општина Струмица, господинот Коста Јаневски, пренесувајќи ви ја неговата порака, помалку да ги користиме автомобилите, а повеќе да пешачиме или да возиме велосипеди. На тој начин ќе ја заштитиме нашата животна средина и ќе направиме значаен влог во зачувување на нашето здравје. Јас се надевам, дека со тоа ќе ја поткренеме свеста кај сите граѓани за промена на нашите секојдневни навики, за да можеме еден ден да се пофалиме дека Струмица е позитивен пример и на тоа поле. Со уверување дека секоја преземена акција за намалување на последиците од климатските промени, ќе ги даде посакуваните резултати, ве поканувам да го започнеме велосипедското дефиле и маршот, по улиците на Струмица, рече Христов.