Јаневски:Време е да покажеме одговорност и на 30 септември да излеземе сите и да си го кажеме сопственото мислење

Градоначалникот Коста Јаневски, денеска, ги повика граѓаните на општина Струмица да излезат на 30 септември, да ја искористат најсилната демократска алатка, референдумот, и да учествуваат во креирањето на иднината на Република Македонија.

Македонија помина низ многу крстопати и народот со своите одлуки ја избираше нејзината иднина. И сега сме исправени пред нов предизвик. На 30 септември треба да донесеме уште една, нова правилна одлука. Ќе одиме напред, или ќе се враќаме назад? Ние одлучуваме за судбината на нашата држава, ние ја кроиме нејзината иднина. Време е да покажеме одговорност и на 30 септември да излеземе сите и да си го кажеме сопственото мислење, какво и да е, и на тој начин да го дадеме нашиот придонес во решавањето на судбината на нашата земја и на нашите деца. Затоа, почитувани мои сограѓани, ве повикувам сите да ја искористиме најсилната демократска алатка, референдумот. Во недела да излеземе на гласачките места и преку нашиот глас да си го искажеме нашиот став. Без разлика дали гласаме ЗА или против,  да покажеме дека сме сериозни и одговорни граѓани, граѓани кои имаат свој став  и своја одлука по најважното прашање за нашата држава и дека ние учествуваме  во  креирањето на нејзината иднина. Не дозволувајте сами да си го скратите правото да учествувате во креирањето на иднината на нашата држава, сами да дозволите, наместо активни учесници, да бидете неми набљудувачи и другите да одлучуваат место вас, за државата која е ваш и дом на вашите деца. Цели 27 години се бориме за една посветла иднина и сонуваме за едно напредно и модерно општество во кое ќе има правна држава, постабилна економија, подобро образование и здравство, поголема доверба на луѓето во институциите. И тој сон го сонуваме со години, се бориме за него и еве сега ја имаме можноста да направиме нешто што се вклопува во европскиот терк, да ги отвориме нашите погледи и да подадеме рака на тие што имаат имаат слични погледи и да тргнеме конечно напред во една посветла иднина.