Импресивното архитектонско здание наречено “Глобал” e новиот заштитен знак на градот под Царевите Кули

Убеден сум дека “Глобал” ќе биде гордост на сите струмичани,” рече вчера Градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев, на отварањето на новиот Градски Пазар.

„Убеден сум дека “Глобал” ќе биде гордост на сите струмичани,” рече вчера Градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев, на отварањето на новиот Градски Пазар. Во присуство на голем број гости од Републиката и странство, Претседателот на Република Македонија г-дин Бранко Црвенковски свечено го предаде во употреба новиот Градски пазар во Струмица, со првата катна гаража во Р. Македонија. Од вчера импресивното архитектонско здание наречен “Глобал” e новиот заштитен знак на градот под Царевите Кули. По свеченото предавање во употреба, објектот го освети Митрополитот Струмички Господин Наум.

Говор на Градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев.

Почитуван Претседателе на Република Македонија, почитувани гости, драги мои сограѓани, дами и господа.
Можеби вечерва не треба да го правам она што во моментов го правам. Можеби вечерва не треба да се каже ниту еден единствен збор, затоа што овој објект пред нас зборува сам за себе. Зборовите треба да ги кажат сите оние кои до денес и од денес па во иднина биле и ќе бидат современици на новото струмичко секојдневие.
Ние тоа секојдневие одлучивме да го проектираме во согласност со современите текови. Одлучивме да сонуваме со отворени очи па сонот за некакви европски вредности го преточуваме во наше заедничко јаве.

И кога еден ден нашиот стремеж за влез во големото европско семејство ќе стане реалност, ќе сакаме да веруваме дека портата на светогледот изникна токму во нашава Струмица. Ако се оди по онаа народната “Молчењето е злато” можеби навистина вечерва не треба да се трошат многу зборови. Но повеќе од злато вреди она што треба да се знае, што е вистината за Градскиот пазар и кои се придобивките од овој објект.
Имено, за само 17 од предвидените 24 месеци, на местото на дотогаш санитарно неисправниот пазар изникна најмодерниот пазар во Република Македонија, единствен по многу нешта. Единствен како прв објект од ваков карактер во кој на дело се покажа резултатот од јавното – приватно партнертство. Единствен по својот габарит, современост и функционалност и секако единствен според фактот дека во негови рамки се наоѓа првата катна гаража во Македонија со капацитет од 380 возила, со што се прави сериозен обид за справување со сообраќајниот хаос во централното градско подрачје. Она што треба да се знае е дека освен просторот на Градскиот пазар, Општина Струмица во овој објект вложи идеа и инвестиции од нула денари. Останатото го сторија оние кои се најзаслужните – вредните соинвеститори “Делукс Инженеринг” и “Сим – инженеринг” кои на најубав можен начин, проектот на архитектот Стојан Динев го спроведоа во прекрасно дело.

За возврат Струмица доби европски објект од 40.000 метри квадратни: повеќе, поголеми и поубави тезги, општината доби свој деловен простор и 18% од катната гаража.

Економските параметри велат дека на име комуналии општина Струмица доби 66 милиони денари или 1,1 милион евра, а се очекуваат уште 25 милиони денари или 400 илјади евра од данок на промет. Се разбира станува збор за средства чија намена се повторно проекти за развој на општината.

Делува фрапантно податокот дека по основ на разни даноци Државата – Република Македонија ќе заработи од овој објект – 3 милиони евра. Треба ли да се прават посебни анализи за економскиот бенефит ако се знае податокот дека во изградбата на објектот учествуваа 120 изведувачи и подизведувачи и тоа домашни фирми. И се разбира листата од придобивки од овој капитален објект завршува со реалната можност за отворање нови работни места. Ете зошто силно веруваме во овој проект и со многу љубов идеата ја преточивме во реализација.

Пред нас е нешто што ќе им служи на многу генерации струмичани и затоа не денешнината, туку иднината ќе го даде конечниот суд за оправданоста на овој објект.

Почитувани дами и господа, сакам на самиот крај да им изразам зборови на благодарност на соинвеститорите, на сите што учествуваа во изградбата на Градскиот пазар, и на сите што не подржуваа во миговите кога ни беше најтешко. Верувам дека со оваа преубава градба наречена Глобал, Струмица недвосмислено го бара своето место во глобалниот свет на економијата. Убеден сум дека “Глобал” ќе биде гордост на струмичани, и за оние кои веруваа и за оние кои не веруваа во нас и во него. Благодарам.