Формиран Младински совет на Општина Струмица

На 22 март 2008 година, пред повеќе од 2000 млади луѓе, пред Постојаната Комисија за правата на децата на Општина Струмица, пред релевантни институции и претставници на носителите на политичките партии, Градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев официјално го објави постоењето на Младинскиот совет на Општина Струмица, цврсто нагласувајќи ја новата страница што општината ја свртува во насока на градењето на „Струмица – Град пријател на младите“, град во кој младите ќе одлучуваат за својата иднина.

Општина Струмица водена од намерата да гради „Општина по мерка на младите“, пристапи кон реализација на проект „Формирање на Младински Совет на Општина Струмица – Детски парламент на Струмица, како единствена шанса на младите луѓе организирано да ги искажуваат своите видувања и ставови по одредени состојби и проблеми во општината и државата, целосно заштитувајќи ги и иземајќи ги од билокакви влијанија. Шанса на младите луѓе во целост да ја покажат својата енергичност, инвентивност и знаење.

Овој Младински Совет се формира со една единствена цел, овозможување на партиципативно учество на младите како рамноправни членови на заедницата, во креирањето на политиките и практиките на локално и национално ниво, со посебен осврт на креирањето на Општинскиот Буџет, како и мониторинг во спроведувањето на истите.

Официјалната промоција на Младинскиот Совет, беше поткрепена и со забавен дел, каде по избор на младите Јован Јованов и Елвир Мекиќ допринесоа во извесен момент младите да покажат пред Струмичката јавност дека се доволно силни и самоуверени да бидат креатори на струмичкото среќно утре.