Воспитна акција „Поголема безбедност на велосипедистите со мотор во сообраќајот“

Во саботата, на 12 април 2008 година, во преполнетата сала на Домот на АРМ-Струмица, со голем интерес од младите учесници во сообраќајот, беше проследена едукацијата од сообраќајно-воспитната акција ,,Поголема безбедност на велосипедисти со мотор,,…

Во саботата, на 12 април 2008 година, во преполнетата сала на Домот на АРМ-Струмица, со голем интерес од младите учесници во сообраќајот, беше проследена едукацијата од сообраќајно-воспитната акција ,,Поголема безбедност на велосипедисти со мотор,,.

Пригодно, на младите учесници во сообраќајот, им се обрати градоначалникот на општина Струмица, г-динот Зоран Заев. Тој истакна дека оваа акција има голема важност особено за младите учесници во сообраќајот, бидејќи тие поради незнаење, неискуство, непримерно однесување и сл. предизвикуваат непосредна опасност или сообраќајна незгода и најчесто се повредени и со предизвикана значителна материјална штета.
Потоа, на присутните им се обратија началникот на СВР-Струмица, г-динот Марјан Наковски, претставникот од ОБСЕ-Оддел за развој на полицијата, г-ѓица Јана Напа и претставникот од МВР-Скопје, полициски советник во секторот за јавен ред и мир, г-ѓа Жаклина Просароска.

На средбата присуствуваа и командирот на ПС-Струмица, г-динот Тони Божиков и командирот на ПС за БПС, г-динот Дејан Ефтимов. Стручниот дел на едукацијата им беше предаден на Васе Јанев-полициски службеник, Марјан Младеновски-сообраќаен инженер и Ѓорги Марчин – професор од СОУ ,,Никола Карев,, – Струмица.

Во организација на МВР-СВР Струмица и општина Струмица, а во соработка со мисијата на ОБСЕ-Оддел за развој на полицијата, сообраќајно-воспитната акција започна пред еден месец, со прибирање релевантни податоци за идентификуваниот локален проблем-младите со велосипеди со мотор, или познатите скутери, веспи или мопеди, за кои младите учесници се или премлади за управување на такво превозно средство или пак немаат положено возачки испит за управување велосипед со мотор.
Од околу 600 ученици, колку што беа запишани од основните и средните училишта од општина Струмица, околу 480 се пријавиле за едукација, а до денот на едукацијата околу 150 се пријавиле за полагање за здобивање со правото на возачка дозвола за националната категорија ,,М,,. Со обезбедени средства од општина Струмица, на сите учесници во оваа акција е овозможено полагањето на возачкиот испит да биде бесплатно, односно тие ги поднесуваат трошоците само за административни таксени марки.

Местото и терминот на полагање дополнително ќе бидат утврдени на оваа веб страна.