Запален олимпискиот оган во Струмица

Околу 500 ученици од повеќе средни училишта од државата учествуваат на Средношколската олимпијада што беше отворена вчера и ќе трае до 10 Мај. Домаќин на олимпијадата е Општина Струмица, а од името на домаќинот олимпијадата ја отвори Градоначалникот Зоран Заев кој рече:…

„Вечерва сме сведетели на создавањето на еден чудесен спој кој прави симбиоза меѓу 3 работи кои се совпаѓаат и надополнуваат, 3 работи кои образуваат дел од убавината на човечкото живеење. Ако се прашувате кои се тие три работи веднаш ќе ви кажам: првата е младоста, втората е спортот а третата е Струмица.“

Покрај свеченото дефиле на учесниците, заклетвата на спортистите и судиите, палењето на олипмискиот оган од страна на младата алпинистка Билјана Серафимовска, беше изведена и богатата програма што му даде извонреден белег на чинот на отворањето на третата средношколска олимпијада која се одржува во Струмица.

Организатор на средношколската олимпијада е Федерацијата на училишпен спорт на Македонија а покровител Градоначалникот и Советот на општина Струмица.