Општина Струмица со веб-портал ќе привлекува инвеститори

Вчера, Веб порталот Тотал објави информации за активностите на Општина Струмица. Интегрално ги објавуваме вестите “Грчки Stafilco Textile со 12 милиони евра сака да изгради четири фабрики во Струмичко” и “Општина Струмица со веб-портал ќе привлекува инвеститори”.

Грчки Stafilco Textile со 12 милиони евра сака да изгради четири фабрики во Струмичко

Грчката компанија Stafilco Textile планира да инвестира 12 милиони евра во изградба на четири фабрики на површина од 400 илјади квадратни метри во Струмичко во кои ќе бидат вработени три илјади луѓе, изјавија за Тотал претставници на локалната власт.

Градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, вели дека грчката компанија била многу заинтересирана да изгради економска зона во околината на селото Сачево, а општината ќе ја кофинансира инвестицијата со 30 илјади евра.

„Stafilco Textile планира да изгради четири фабрики – за производство на делови за електромотори, конзервна фабрика, за примарна текстилна суровина, а четвртата ќе биде текстилна конфекција„, објаснува Заев.

Според него, моментално се подготвува урбанистички план за земјиштето, кое досега било земјиште од четврта категорија, за да стане градежно земјиште. Планот ќе биде готов за еден месец. Потоа Владата ќе го даде земјиштето на јавна лицитација, со цел да се најде корисник кој ќе плаќа концесија на период од 99 години.

“Грчките инвеститори се многу заинтересирани и ќе наддаваат до крај, се со цел да го добијат на користење земјиштето“, вели Заев.

Според Заев, деловите за електромотори ќе се извезуваат во Холандија, а конзервните производи
и текстилот во Европска Унија.

Stafilco Textile е грчка компанија од Јужна Грција, а соработува со партнерски фирми од Холандија и Шпанија.

Општина Струмица со веб-портал ќе привлекува инвеститори

Струмица и околните општини преку сопствен веб-портал ќе провлекуваат инвестиции. Се работи за веб-порталот www.strumicaeconomy.com, кој ќе ги содржи економските информации за овој микрорегиoн.

На порталот што ќе биде промовиран на 12 април ќе има податоци за 150 компании од сите дејности. Покрај општината Струмица во проектот се вклучени и општините Ново Село, Босилово и Василево. Порталот ќе биде на македонски, англиски, бугарски и грчки јазик.

Освен контакти од компаниите од регионот, заинтересираните инвеститори ќе можат да се информираат и за слободните локации и за поволностите за инвестирање што ги нудат општините. Во мај порталот ќе биде презентиран во Солун и во Кукуш. На промоцијата ќе присуствуват и 50 фирми од струмичко. Планирана е презентација на порталот и во Бугарија.

Во изработката на веб-сајтот покрај Центарот за локален економски развој учествуваа и ГТЗ РЕДЕМ. .