Пробиени над два километри од пристапниот пат до Цареви кули

Паралелно со завршувањето на истражувачките активности на Цареви Кули, започнаа инфраструктурните активности од проектот и овие денови се веќе пробиени два километри и четиристотини метри од пристапниот пат до Цареви кули кој ќе биде со должина од 2,7 км.

Продолжува имплементацијата на активностите од проектот “Оживување на националната и културна знаменитост Цареви кули”, финансиран од Европската агенција за реконструкција и Општина Струмица. Овие денови привршуваат активностите од првата фаза од проектот – истражување,  која започна на 1 јуни и која имаше за цел да се откријат елементите на фортификацијата за што е можно повистинита реконструкција на тврдината. Со истражувањата се  добија многу податоци кои се однесуваат на секојдневниот живот на тврдината кој започнува од праисторијата, како и за духовниот и материјален живот на популацијата која ги населувала ридовите.

Истражувањата покажаа дека судбината на Цареви Кули,  е тесно поврзана со судбината на градот Струмица. Било тоа де е славниот Астраион, Тивериопол, Естреон или Уструмџе, Цареви кули секогаш стоеле тука и дури многу порано, длабоку во праисторијата кога овде цутела богата култура од времето на доцниот енеолит и раната бронзова епоха.

Пред извесен период започна пробивањето на пристапниот пат до тврдината Цареви Кули кој ќе биде со должина од 2,7 км а заклучно со денес  веќе се пробиени два километри и четиристотини метри од истиот.

Согласно предвидениот план на активности проектот треба да заврши следната година, до кога треба да бидат завршени конзервацијата, реставрацијата и соодветната промоција на проектот со досега најширок спектар на промотивни материјали.