Враќање на бадемовиот цвет под Царевите Кули

Градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев, посадувајќи садник – бадемово дрвце, на ридот над Струмица, го одбележа враќањето на бадемовиот цвет под Царевите Кули, вековното обележја на Ѕвездениот Астарион.

Прекрасната слика на ридот под Царевите кули, кога бадемовите цветови даваа посебен сјај на Ѕвездениот Астарион, остана дамнешно минато, спомен за една убавина, приказна за сегашните генерации. Сегашниот рид под Царевите кули е пустош, осама мртвило.

Затоа, Општина Струмица во партнерска соработка со Еколошкото друштво Планетум од Струмица и ЈПКД Комуналец, одлучи бадемовиот цвет – препознатливиот белег на Ѕвездената Струмица, да го  врати на своето вековно место за да стане повторна вистина за идните генерации.

Паралелната реализација на овој еколошки проект заедно со реконструкцијата на Царевите кули и изградбата на трим патеката до локалитетот Св Илија, за нас струмичани ќе претсавува една симбиоза во изнаоѓањето на нови димензии за поттикнување на рекреативните навики на нашите граѓани и секако  можност за развој на туризамот во општината.

Денешниот ден е почеток во реализацијата на овој значаен еколошки проект каде на површина од околу два хектари опожарена шума ќе бидат посадени околу илјада бадемови садници, со намера да се врати овој значаен спомен белег на Градот Струмица.

Реализацијата на овој проект, воедно ќе значи  обновување на   зелениот појас над градот и спречување на  опасноста од  ерозија и лизгање на земјиштето.

Со реализацијата на овој проект  граѓаните на Општина Струмица, за две до три години ќе имаат можност повторно да уживаат во  убавините на бадемовиот цвет, обезбедувајќи си барем дел од потребниот мир и спокој на овој убав локалитет.