Свечена седница на Советот на општина Струмица

Претседателот на Советот на општина Струмица, Зоран Ристов ја отвори свечената седница на Советот на Општина Струмица, на која покрај членовите на Советот присуствуваа Градоначалникот, Зоран Заев,  митрополити на Македонската православна црква, претставници на другите верски заедници, пратеници во Собранието на РМ, градоначалници на други општини и други гости.

По повод празникот на градот “Св. Петнаесет тивериополски свештеномаченици” обраќање имаше Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев кој рече:

“Се огласија денеска ѕвоната во нашиов град за да се разлее аберот до сечија струмичка душа возљубена во господа, дека осамна уште еден 11. декември, ден за почитување, верба и негување на вродениот култ, кој ни е оставен во аманет од нашите дедовци и прадедовци, од предците кои имаа света задача, да овозможат возвишените вредности да патуваат непречено низ времето. И еве сме собрани со насмеани души да го направиме она што  ни доликува, нам – денешниве граѓани на Струмица,кои ги ползуваме благодетите на оддамна завршената света мисија. Еве сме собрани заеднички да им направиме чест на благочестивите апостоли, кои пред помалку од 17 векови го проповедале и ширеле христијанството.”

“…Со нови позитивни мисли ќе можеме да ги воспитуваме и подучуваме нашите деца, да ја градат Државата и општината и градот на здрави основи.

Ние вљубениците во својата Струмица се трудиме да изградиме токму такви основи. Овој град го добивме во наследство и во нследство ќе го оставиме на идните поколенија. Го добивме убав, ќе го оставиме уште поубав, оти тоа од нас се бара. Но за да биде овој град по мерка на сите нас, мора заеднички да се грижиме за него, од првиот до последниот негов граѓаин.

Апстрахирајќи ги поделбите, ќе знаеме кога и зошто да го кажеме лошото, но и доборото нема да го премолчиме. На тој начин, ќе знаеме вистински да се зарадуваме кога луѓе од други градови ни ја фалат Струмица. Ние не треба да се залажуваме и задоволуваме кога Струмица ја избираат за најубаво место за живеење во Македонија. Наш репер треба да бидат малите но убави европски градови.

Европска Струмица со наши традиционални нишани, ете тоа е мојот сон. Ајде заеднички да го сонуваме, за еден ден да биде и наше заедничко јаве.” истакна на крајот градоначалникот Зоран Заев.

На Свечената седница на Советот на општина Струмица беа доделени и годишните награди “Св. Петнаесет тивериополски свештеномаченици” и наградите по повод конкурсот за литературни состави посветени на Струмица.