Избрани најдобрите спортисти на Општина Струмица за 2007 година

Избрани најдобрите спортисти на Општина Струмица за 2007 година. На 14.12.2007 година (петок), во ресторанот Студио ИН, во организација на Градоначалникот и Советот на Општина Струмица беа избрани најдобрите спортисти на Општина Струмица за изминатата 2007 година.

На 14.12.2007 година (петок), во ресторанот Студио ИН, во организација на Градоначалникот и Советот на Општина Струмица беа избрани најдобрите спортисти на Општина Струмица за изминатата 2007 година. Најдобрите спортисти на Општина Струмица за 2007 година беа избрани по комбиниран модел во кој 20 % од гласовите ги дадоа граѓаните преку СМС пораки, 40 % спортските новинари (Ване Трајков, Љупчо Маџиров, Тони Караколев и Ристо Тасев) и 40 % тренерите на спортски клубови (Кирил Ричлиев, Киро Велков, Југослав Тренчовски и Драган Јанков).

Во категоријата НАЈДОБРА МЛАДИНСКА ЕКИПА беа номинирани 11 младински екипи. Најуспешна за изминатата година е одбојкарскиот клуб МАКЕДОНИЈА МАКС (Младинки) која е државен шампион во оваа конкуренција. Второто место го освои кошаркарскиот клуб МИЛЕНИУМ (Пионери) а третопласирана беше пионерската екипа на одбојкарскиот клуб МАКЕДОНИЈА–ЏИО. Наградите на најуспешните ги додели Сава Самаракова – Советник при Советот на Општина Струмица.

Во категоријата НАЈДОБАР МЛАД СПОРТИСТ беа номинирани 21 спортист. Првопласирана беше СЕРАФИМОВСКА БИЛЈАНА од ПАЕК Маратон, која годинава се искачи на највисокиот врв во Европа, Мон Блан. Второто место го освои ДИМИТРИЕВ ВАСКО од Кунф-Фу Кик Бокс клубот Струмица кој на Светското првенство во Карлсруе Германија го освои бронзениот медал. Третото место го освои ЃОРГИЕВА ЗОРИЦА од Одбојкарскиот клуб Македонија Макс. Наградите на најуспешните ги додели Панче Орцев, директор на ЈП Комуналец – Струмица.

Во категоријата НАЈДОБАР ТРЕНЕР ВО МЛАДИНСКА КАТЕГОРИЈА беа номинирани 7 тренери на младински екипи. Првото место го освои ЈАНКОВ ЗОРАН, од Одбојкарскиот клуб Македонија Макс, второпласиран е РИЧЛИЕВ КИРИЛ од Одбојкарскиот клуб Македонија Џио (пионери) а третото место го освои ЗЕТОВ ЗЛАТКО, тренер на кадетската екипа на кошаркарскиот клуб МИЛЕНИУМ. Наградите на најуспешните ги додели Никола Пефкев Советник при Советот на општина Струмица.

Во категоријата НАЈДОБАР ТРЕНЕР во сениорска конкуренција беа номинирани 5 тренери. Најдобар тренер за 2007 е СПАСОВ ЗОРАН од Кунг Фу Кик Бокс клубот Струмица. Само два поени зад него заостана тренерот на Одбојкарскиот клуб Македонија Џио, РИЧЛИЕВ КИРИЛ, а третопласиран беше ЃУЗЕЛОВ НАЌЕ тренер на спортско риболовното друштво Трофеј. Наградите на најдобрите во оваа категорија ги додели Кирил Парталов, Секретар на општина Струмица.

Шампионската екипа на Кошаркарскиот клуб СТРУМИЦА убедливо беше првопласирана во категоријата НАЈДОБРА ЕКИПА каде беа номинирани 8 екипи. Второто место го освои вицешампионот во одбојкарското првенство, МАКЕДОНИЈА ЏИО, а третопласирани беа одбојкарките на МАКЕДОНИЈА – МАКС. Наградите ги додели Александар Трајковски, Советник во Советот на општина Струмица.

Капитенот на КК Струмица, ЕФТИМ БОГОЕВ беше избран за НАЈДОБАР СПОРТИСТ ВО ОПШТИНА СТРУМИЦА ЗА 2007 година. Во оваа категорија беа номинирани 11 спортисти. Второпласиран беше МИЛЕВ ВЛАДО од Одбојкарскиот клуб Македонија Џио а третото место го освои НИКОВСКИ ГЕОРГЕ од Кунг-Фу Кик Бокс Клуб Струмица кој на Светското првенство во Германија го освои бронзениот медал. Наградите ги додели Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев.

Организаторот на манифестацијата Спортист на годината, додели посебна награда на Димитар Петков – Словенецот, постхумно за огромен допринос во спортот и кошарката. Награди добија и ФК Беласица – за 85 години од формирањето, ОК Струмица – за 60 годишниот јубилеј, ОК Македонија – Џио – за 35 годишниот јубилеј, КК Струмица – За шампионска титула во сезоната 2006/07, и Навивачка група АЈДУЦИ – за огромниот допринос кој го даваат на спортските клубови.