Родителите и учениците заедно во проектни активности за меѓуетничка интеграција во образованието

Учениците, наставниците и родителите од подрачното училиште во село Банско, кое работи во состав на ООУ „Маршал Тито“ од Муртино, како и учениците и нивните наставници од ООУ „Маршал Тито“ од Струмица реализираа заеднички часови по наставниот предмет Општество. Овие планирани активности произлегуваат од проектот „Јакнење на меѓуетничката соработка со општините“, финансиран од Детската фондација Песталоци од Швајцарија, а спроведуван од Македонскиот центар за граѓанско образование од Скопје и општина Струмица како партнер во овој проект.

Преку заедничкото дружење, цртање и игри на асоцијација учениците кои следат настава на различни наставни јазици, имаа можности да ги следат наставните содржини согласно наставната програма, а особено да се запознаваат со културата како специфична карактеристика на секојдневниот живот на човекот, да ги сознаваат и почитуваат културните и верските различности на луѓето во пошироката околина, како и да ги запознаваат примерите од македонската културна традиција, како и од традициите и културата на другите заедници во Република Македонија и да ги развиваат способностите за сознавање на непосредната општествена средина. Општина Струмица активно е вклучена во соработката на училиштата со локалната заедница и ја дава поддршката за успешна реализација како во редовната настава, така и во воннаставните активности.