Се одржа Јавна дискусија за креирање квалификувана работна сила согласно потребите на бизнис заедницата

Во организација на Локалниот економски совет од општина Струмица и Агенцијата за вработување-Центар за вработување од Струмица, во присуство на претставници од средните општински училишта и заинтересирани работодавачи, се реализираше јавна дискусија за обезбедување квалификувана работна сила согласно потребите на бизнис заедницата и пазарот на трудот. Присутните проследија презентации за „Пилот обука за задоволување на локалните потреби од квалификувана работна сила“, „Стручни образовни програми на средните општински училишта“ и „Можности за отварање на нови стручни образовни програми согласно потребите на работодавачите“.

Општина Струмица во својата стратегија за развој на образованието има стратешки приоритети кои обезбедуваат перспектива согласно потребите на пазарот на трудот, особено преку развој на знаењaта, вештините и интегритетот на учениците низ воспитно-образовните процеси, воспоставување современи услови и практики во образовниот систем на Општината, зголемување на инвестициските вложувања во образованието преку интеракција со бизнис-секторот за потребите на пазарот на трудот, зголемување на атрактивноста на средните стручни училишта и интегрирање на локалните потреби за образование во воспитно-образовниот систем.