Претставници на општина Струмица на дводневна обука на тема ,,Брендирање” во Кукуш, Грција

Општина Струмица продолжува интензивно да ги спроведува активностите од проектот „Бизнис Мрежа С-К-К“, финансиран од ЕУ, кој има за цел да создаде поволни услови за соработка, вмрежување и економски развој на прекуграничниот регион Струмица – Кичево-Кукуш.

Во рамките на овој проект, во периодот од 24 до 25 oктомври 2016 година во Кукуш (Грција), се одржа дводневна обука на тема ,,Брендирање”, која имаше за цел јакнење на капацитетите и зголемување на свеста кај постоечките и потенцијалните бизнис производители и даватели на услуги, локалните и регионални власти, организации и институции за поддршка на бизнис секторот од општина Струмица, општина Кичево и подрачната единица Кукуш. Учесниците на оваа обука имаа можност да стекнат нови искуства, знаења и примена на најдобри практики во врска со темата „Брендирање” односно, создавање на успешен бренд, дефинирање на целите на брендот, важноста и придобивките од имањето на брендирани производи, фокусирање кон целната група и комуникација со клиентите, откривање и надминување на потенцијалните бариери, управување со брендот, карактеристики на брендираниот производ, критериуми и стандарди за брендирање и слично, кои ќе можат да ги применат во сферата на своето работење. Со оглед на фактот дека учесниците на обуката беа од различни етникуми, се создадоа услови за мултиетничко поврзување и соработка на деловните субјекти од целните групи во рамките на проектот и сето тоа во насока на создавање на поволна бизнис клима, зајакната меѓусоседска соработка, како и подобрена мултиетничка интеграција. Проектот „Бизнис Мрежа С-К-К“ се спроведува од страна на три проектни партнери и тоа: општина Струмица и општина Кичево од Република Македонија и подрачната единица Кукуш од Република Грција.На обуката присуствуваа вкупно 30 учесници, односно, по 10 претставници од сите проектни партнери.