Започна бизнис саемот за прекугранична соработка

Денеска во хотелот „Сириус“ беше отворен бизнис саем за прекугранична соработка Струмица – Кичево – Кукуш – Поликастро STRUMICA EXPO. Во својот поздравен говор, претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, истакна дека овој саем е уште еден доказ дека бизнисот најдобро ги совладува далечините, границите и бариерите.Тргнувајќи од фактот дека стопанството и стопанствениците се моторната сила за економски прогрес и двигатели на развојот на општествата и заедниците, ваквите форми на соработка заслужуваат внимание, почит и несебична поддршка.

Кога сме веќе кај поддршката, тогаш не може, а да не се спомене Европската Унија која имаше разбирање и „слух“ за овој исклучително значаен проект, и како таков, доби „зелено светло“ да биде поддржан од нејзината ИПА програма за меѓугранична соработка. Ја користам можноста, од името на Општина Струмица, да се заблагодарам на Европската Унија за оваа поддршка. Од друга страна, овој проект е уште една потврда дека Општина Струмица, како носител на овој проект, е вистински лидер во Република Македонија во поглед на искористеноста на овие европски фондови, а Одделението за меѓународна соработка и европски фондови при Општина Струмица, со своето инвентивно, сериозно и професионално работење, повторно докажа дека знае како да се погоди во целта со добро осмислени, издржани и корисни проекти, рече Христов.Според Џоко Ристевски, раководител на Одделението за меѓународна соработка и европски фондови на општина Струмица, целта на саемот е да придонесе за побрз економски развој на прекуграничниот регион преку обезбедување можности за вмрежување и соработка помеѓу малите и средните претпријатија.По свеченото отворање се одржаа презентации на добри практики од Струмица и Кукуш, презентација на старт-ап бизнис од Струмица, бизнис соработки, дегустации и промоции. Саемот продолжува и утре со презентација на добра практика од Кичево, претпријатие од Кукуш, дегустација на кичевско овчко сирење, струмички ајвар и грчки леб. Овој бизнис саем се одржува во рамките на проектот „Бизнис мрежа С-К-К“ финансиран од ЕУ.