Граѓаните поднеле 260 барања за проценка на штетите од поплавите

Граѓаните од населените места Сачево, Муртино, Просениково и Дабиле кои се најпогодени од поплавите, досега доставиле вкупно 260 барања за проценка на предизвиканата штета. Најголем дел од барањата беа доставени во изминатите два дена во отворените канцеларии на месните заедници, а од денеска освен во канцеларијата во Муртино, барањата се примаат и во општина Струмица.

По приемот на барањата интензивно се работи и во општинската комисија за проценка на штети, се формираат стручни подкомисии кои ќе излезат на терен. Четири подкомисии ќе ги проценуваат штетите предизвикани на земјоделските површини и тоа една во Просениково и Дабиле, една во Сачево и две комисии ќе ги проценуваат штетите во Муртино, затоа што и најголем дел од барањата се од ова населено место. Се формира и дополнителна стручна комисија која ќе ги врши проценките на штетите предизвикани кај објектите.