Советот го усвои извештајот од процената на штетата од поплавите во јануари годинава

Советот на општина Струмица денеска одржа вонредна седница на која беше усвоен извештајот од процената на штетата од природна непогода – поплава на подрачјето на општина Струмица од 23/24 и 30 јануари оваа година. Според извештајот што во законскиот рок го подготви Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи формирана од Советот на општина Струмица,

вкупната штета предизвикана од овие поплави е проценета на 95.600.555,00 денари.До општинската комисија биле доставени вкупно 515 барања за проценка на штети, најголем дел од нив, или 270 од населеното место Муртино, од Сачево 94, од Просениково 73 и од населеното место Дабиле 46 барања. Од останатите населени места биле поднесени 12 барања, а шест барања биле доставени од правни субјекти. Според претседателот на Советот, Јосиф Христов, ако државата навреме ги исчистеше речните корита, немаше да биде предизвикана штета во толкав обем.Оваа штета е проценета на лице место и од стручни лица, но Владата на Република Македонија одобрува максимум до 30 проценти од утврдената штета на граѓаните. Штети имаше кај посевите и недвижностите на граѓаните и инфраструктурни објекти на општината. Како причини беа наведени обилните врнежи на 23, 24 и 30 јануари, наглото топење на снегот од околните планини кои придонесоа водотеците да се зголемат, исто така, како главна причина беше утврдено неодржувањето на речните корита кои од 2006 година не се исчистени воопшто, ниту се води некој ред на чистење. Исто така, се даваа и предлози како тоа да се спречи, се разбира, со природата не можеме да се спогодуваме, но беше речено дека доколку државата која сега треба да им исплати на граѓаните максимум 450 илјади евра, тие пари да ги употребеше за чистење на коритата сигурно штетата немаше да биде во толкав обем, рече Христов.