Се одржа свечена академија во чест на сесловенските просветители Кирил и Методиј

Во чест на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј синоќа во центарот за култура „Антон Панов“ се одржа свечена академија. Беше изведена богата програма, а за животот и делата на светите браќа Кирил и Методиј зборуваше претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф христов.

Кирил и Методиј се родени во Солун во угледно и богато семејство и од најраното детство биле воведени во христијанството, а подоцна како високо образовани и талентирани личности добивале тешки и одговорни задачи од византискиот двор кои беспрекорно ги извршувале, а со своите мисии ја ширеле христовата вера меѓу сите словенски народи и по што ја добиле титулата Апостоли на Словените.
Најважна од сите за браќата Кирил и Методиј е Моравската мисија која има огромно значење за иднината на сите Словени. Од неа во аманет ни ја оставија глаголицата, како прва словенска азбука, која потоа била поедноставена од нивните ученици Св. Климент и Наум. Најголем придонес во тоа дал Св. Климент, а во чест на неговиот учител била наречена кирилица. Со својата просветителска дејност, браќата Кирил и Методиј описмениле многу ученици кои станале нивни следбеници и апостоли на словенскиот збор, а со тоа им го отворија патот на Словените да создаваат своја култура и литература. Со азбуката која што ја создадоа Светите браќа Кирил и Методиј го поставија темелот на денешната писменост и ни го подарија најскапоцениот дар. Нашата заедничка обврска, посебно, Вашата на просветните работници, е достојно да ги чуваме и негуваме јазикот и писмото и како наше најголемо богатство во аманет да им го оставиме на идните генерации. Во пренесувањето на овој аманет кон Вашите ученици, секогаш ја имате поддршката на градоначалникот Зоран Заев и Советот на општина Струмица, рече Христов во своето обраќање.