Преку граѓански буџетски форум општина Струмица го зголемува учеството на граѓаните во носењето на буџетот

Во организација на Центарот на заедницата и општина Струмица утре (01.12.2015) во хотелот „Тивериопол“ со почеток во 17 часот ќе се одржи граѓански буџетски форум. Целта на форумот е зголемување на учеството на граѓаните во процесот на носење на буџетот на Општината и зголемување на нејзината транспарентност.

Според Тони Милушев, раководител на одделението за локален економски развој при општина Струмица, присутните граѓани ќе имаат можност да ги проследат и да дискутираат за планираните програми и проекти за 2016 за општина Струмица.На првата сесија ќе биде презентирано извршувањето на буџетот за 2015 година и ќе биде презентиран предлог-буџетот за 2016 година. Граѓаните ќе имаат можност да дискутираат, да предлагаат проекти и да ги надополнуваат веќе постоечките. Дискусијата ќе се движи во насока на давање предлози за подобрување на предложените проекти во рамки на развојните програми, но и предлагање на нови проекти од граѓаните. На втората сесија ќе бидат разгледани и рангирани развојните програми од страна на присутните граѓани. Поради тоа, ги повикувам граѓаните да дојдат на форумските сесии и активно да дискутираат, предлагаат и одлучуваат кој проект за нив е важен, со тоа што Општината ќе донесе буџет во консултација со граѓаните и врз основа на нивните потреби и проблеми. Форумските сесии ќе бидат активно поддржани од Општината, со учество на сите релевантни лица за спроведување на планираните и предложени проекти. Го очекуваме вашето присуство, за да ја покажеме демократијата на дело, својствено за општина Струмица, рече Милушев во денешната изјава за медиумите.Граѓанските форуми во општина Струмица ги имплементира Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) во рамките на концептот „Општина по мерка на граѓаните“, а кој ФООМ го спроведува во партнерство со општина Струмица.