Заев: Астерфест ја зацврсти позицијата на Струмица – културен центар на источна Македонија

Под мотото „Ново и старо“, вчеравечер, во центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, стартуваше десетто издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. Во своето обраќање градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, рече дека овој јубилеј е вреден за почит, затоа што фестивалот со интернационалниот белег уште повеќе ја зацврсти Струмица на позицијата – културен центар на источна Македонија.

-Сосема случајно, моите први градоначалнички чекори се совпаднаа со првите чекори на Астерфест, па уште тогаш во навидум срамежливата идеја препознав амбиција за сериозна реализација. Тоа резултираше со подадена рака на целосна поддршка , подадена рака која почнувајќи од првиот ден трае до ден денешен и ќе трае, дај Боже, и во наредниот период, за доброто на Струмица. Оти, колку и да е овој фестивал македонски, колку и да е меѓународен, тој е сепак струмички. Лесно е да се подаде рака некому кој е цврсто застанат на своите нозе. Многу е важно тоа да се стори и во самиот зародиш и во секој нов обид за искачување на нови скалила од растежот. Денес, кога Астерфест го доживува својот десеттогодишен јубилеј , сите сме неизмерно горди што сме биле и остануваме сведетели на една успешна приказна и горди на фактот дека овој фестивал го најде своето заслужено место на светската мапа на значајни филмски случувања. Податокот дека еминентни филмски творци со свои дела се присутни на овој Астерфест, па дури и „оскаровци“, оди во прилог на таквата констатација, рече во своето обраќање, градоначалникот Заев.

На свеченото отворање на фестивалот, беа доделени наградата Астер за високи достигнувања во европскиот и светскиот филм на режисерот Борис Геретс и специјалното признание за високи достигнувања во филмската и драмската уметност на актерката Љупка Џундева. Љубителите на филмската уметност, уживаа во премиерната проекција на краткиот игран филм „Хелиум“ на данскиот режисер Андерс Валтер, добитник на оскар за овој филм.

Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ од самиот почеток е финансиски поддржан од градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица.