Актерот Бајруш Мјаку ја доби наградата „Ристо Шишков“

Актерот Бајруш Мјаку е овогодишниот лауреат на 22-то издание на меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“. Наградата за највисоко актерско остварување ја доби за улогата на доктор Томас Стокман во драмата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Дино Мустафиќ, а во продукција на „Театарот на еден актер“ од Скопје и театарот „Ода“ од Приштина.

Меѓународното жири, чиј претседател беше минатогодишниот добитник на наградата, актерот Нико Горшич од Словенија, одлучи да му ја додели наградата на Мјаку за особено сугестивна актерска креација која го одразува неговиот творечки капацитет на исклучителен актер со меѓународно реноме и долгогодишно учество на ФКТ „Ристо Шишков“ и придонес во растежот на фестивалот.
Наградата која се состои од златен медаљон со ликот на Шишков и паричен износ од 1.500 евра му ја врачи претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов. Заблагодарувајќи се, Бајруш Мјаку, рече дека ова е награда што ја посакува секој актер.

Како млад актер имав можност да се дружам со Ристо Шишков и тој секогаш ни даваше поддршка. Наградата многу ми значи и никогаш не е доцна да се освои ова престижно признание. Јас сум секогаш подготвен да доаѓам тука во Струмица, па дури на некои од наредните изданија како гостин, бидејќи оваа прекрасна публика знае да ја цени актерската игра. Драго ми е што меѓународната жири комисија ми ја додели наградата мене. Јас имам освоено многу награди, но „Ристо Шишков“ ја посакува секој актер и многу ми е важна и значајна, рече Мјаку.

Во петте фестивалски денови на 22-то издание на ФКТ „Ристо Шишков“, кое заврши синоќа, беа изведени 10 претстави на театри од шест држави.
Покровители на фестивалот беа градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица.