Градоначалникот Заев: Инвестираме во нов модерен дел на Струмица кој ќе им служи и на идните генерации

Градежна офанзива се случува во дел од поранешната касарна на АРМ во Струмица. Се градат нови колективни објекти за домување и објекти од друг тип кои ќе бидат во функција на идните генерации струмичани. Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска беше на лице место за да види до каде е  реализацијата на општинските инвестициони зафати.Во моментов се гради фекална и атмосферска канализација, но пред да информирам за карактеристиките на овој проект, сакам, граѓаните да знаат дека токму од овој урбан блок 36 и 37, а тоа е блокот на поранешната касарна, досега во општина Струмица се влеани преку 3,5 милиони евра.

Тоа се средства од продажбата на земјиштето за колективните згради, но и средства од комуналиите на овие згради кои веќе ги има овде, но и секако во постапка на добивање на одобрение на новите објекти. Ред е дел од овие пари да се вратат овде, во комуналната инфраструктура. Околу 17 милиони денари чини зафатот кој во моментот се прави на фекалната канализација и водоводната мрежа, и атмосферската канализација која што ќе следува после. Ќе се инвестира и во пробивање на улици и во тампонирање на патишта повеќе од 20 милиони денари. Идната година на територијата на касарната планирано е да се потрошат повеќе од 45 милиони денари за целата комунална инфраструктура која што ќе расте паралелно со оваа населба. Во моментот се гради фекалната канализација и водоводната мрежа, така да главниот потег од улицата „Ѓуро Салај“ или АТШ Берово се до улицата „Никола Тесла“ или до СВР Струмица, е главната улица во оваа област, но се пробиени веќе и други паралелни улици во самиот урбан блок. Атмосферската канализација ќе почне да се гради деновиве. Овде ќе инвестираме многу во периодот кој што следува. Имаме наменето локации за ново училиште, нови детски градинки, пазар, мултифункционална сала. Се надеваме дека готовите објекти кои се од здрав карактер конечно ќе бидат предадени кои што се планирани за високо образование, ресторани, студентски домови и слично и со продуцирање на оваа провокација од страна на општината кон државата, да и овие објекти и бидат предадени на општина Струмица. Овде е и единствената локација од преку 17 илјади метри квадратни за старечки дом, се надеваме дека и таа локација ќе се реализира со ваквото инвестирање во урбаната  и комунална инфраструктура за да може да го реши буквално целиот југоисточен плански регион со обезбедување на квалитетна понуда за повозрасните луѓе од целиот регион. Овој дел од градот ќе стане еден нов, посебен и модерен дел, кој што ќе биде симболика на Струмица и струмичкиот регион, рече градоначалникот Заев.