Градоначалникот Заев им подари новогодишни пакетчиња на децата со посебни потреби во центарот „Порака“

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, уште еднаш на дело ја потврди континуираната поддршка на лицата со посебни потреби. Тој и годинава присуствуваше на традиционалната предновогодишна забава која што се одржа во центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ и им подари новогодишни пакетчиња на децата.

Ова е традиционална манифестација, предновогодишна, со децата со посебни потреби. Сакам да им се заблагодарам на младите од Младинскиот совет за забавата која што ја овозможија, на вработените и дечињата од основното училиште од Вељуса за подароците, но најмногу на активистите и на претседателот на здружението „Порака“. Ова традиционално дружење кое што го правиме заедно со децата овозможи да направиме и еден рекапитулар на годината која што изминува, но пред се да биде забава во подготовка на наредната 2015 година која што очекуваме да биде поубава, посреќна  секако, понадежна за сите нас. Јас се надевам дека во тој дух и ќе почне годината со толку очекуваниот дневен центар за деца со посебни потреби кој што е веќе адаптиран простор во поранешната касарна со средства на министерството за труд и социјална политика, а општината како партнер ќе финансира двајца стручни луѓе, дефектолог и воспитач, кои што ќе се грижат за децата. Со тоа дневниот центар кој што беше со неколку часа работно време, ќе биде буквално дневен центар, односно дечињата ќе бидат згрижени од почетокот на денот до попладневните часови и со тоа конечно ќе го исполниме очекувањето на родителите на децата со посебни потреби, рече градоначалникот Заев.Од „Порака“ му се заблагодарија на градоначалникот Заев за постојаната поддршка што ја добиваат од него и што најубавите моменти ги споделуваат зедно.Децата од „Порака“ новогодишни подароци добија и од учениците и наставниците од основното општинско училиште „Гоце Делчев“ од Вељуса.Дојдовме со мали поклони, но затоа донесовме многу големи желби за сите деца, за убави и среќни празници, да им се исполнат сите желби, да ги служи здравјето и да имаат многу среќа. Оваа активност беше дел од проектот кој што се реализира во сите училишта „Заедничка грижа за сите деца“  во кој се вклучени сите родители и наставници и решивме наместо да правиме некоја друга приредба, да направиме една мала хуманитарна акција во која ќе ги посетиме овие дечиња и ќе им посакаме убави желби, рече Иванка Георгиева, директор на училиштето.