Костадинов почесен член на Меѓународниот сојуз за цивилно општество и социјално загрозени категории

Вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов, е прогласен за почесен член на Меѓународниот сојуз за цивилно општество и социјално загрозени категории. Прогласувањето се случи на свечениот чин кој што се одржа синоќа во Скопје, а на кој Бојан Јовановски и официјално стана претседател на Меѓународниот сојуз – Скопје.

„Се надевам дека Македонија ќе стане урнек за успешно цивилно општество во кое се помалку ќе има гладни и несреќни граѓани и семејства“, рече Костадинов во своето поздравно обраќање по прогласувањето за почесен член на овој Меѓународен сојуз. Сакам на почетокот од ова мое кусо обраќање, да го споделам со Вас моето чувство на задоволство, што сум дел од оваа убава свеченост на Меѓународниот сојуз за цивилно општество и социјално загрозени категории, од мое лично име и од името на општина Струмица, да му ја честитам функцијата – Претседател на Меѓународниот сојуз – Скопје, на господинот Бојан Јовановски, и да му посакам успех во своето професионално делување. Се надевам дека Македонија ќе стане урнек за успешно цивилно општество во кое се помалку ќе има гладни и несреќни граѓани и семејства. Во исто време, се чуствувам исклучително среќен и горд поради одлуката на Меѓународниот сојуз – Скопје, да бидам прогласен за негов почесен член, а особено сум горд што како општина Струмица имајќи го во предвид нашиот слоган „Секогаш први“ си застанавме и цврсто стоиме на зборот, токму јас прв во оваа држава како градоначалник на општина Струмица, да бидам почесен член на овој Меѓународен сојуз, ви благодарам Боки. Покритието за таа моја надеж лежи во фактот што на функцијата в.д. градоначалник дојдов како наследник на долгогодишниот градоначалник на општина Струмица, Зоран Заев, кој на дело покажа дека е вистински урнек за хуманизам. Следејќи го неговото добро дело, се надевам дека ќе успеам да ги негувам и унапредувам вистинските вредности кои се базираат на подготвеноста да се подаде рака, секогаш кога е потребно и секому кому таа рака му е неопходна. Во таа смисла, првичната соработка со господинот Јовановски, веќе вроди со плод, па чинам дека сме на добар пат, да ги ставиме своите потписи на најавениот Меморандум за соработка помеѓу Меѓународниот сојуз за цивилно општество и општина Струмица, на взаемно задоволство, а пред се на задоволство на оние на кои ќе им бидат најпотребни плодовите од таа соработка. Искрено се надевам дека Програмата за работа на Меѓународниот сојуз ќе биде целосно исполнета, и дека тоа ќе биде еден од повеќето знаци дека во Македонија дуваат некои нови и многу пријатни ветрови, рече Костадинов.