Од утре започнуваат уписите во средните училишта за учебната 2017/2018 година

Од утре започнуваат уписите во прва година во средните училишта во учебната 2017/2018 година. Во трите средни општински училишта предложен е опфат на 1.316 ученици во 39 паралелки со понудено гимназиско образование, но и стручно образование за 18 струки и 28 профили.

Согласно Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во учебната 2017/18 година во Република Македонија, пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во два уписни рока, јунски и августовски, со две пријавувања во јунскиот и едно пријавување во августовскиот рок. Првото пријавување и запишување на учениците во јунскиот уписен рок се врши на 28 и 29 јуни 2017 година, од 08 до 15 часот, а резултати од истиот ќе се објават на 30 јуни 2017 година. Второто пријавување од јунскиот уписен рок и запишување на учениците ќе се врши на 5 јули 2017 година, од 08 до 15 часот, а резултатите од запишувањето на учениците и слободни места ќе се објават на 6 јули 2017 година. Пријавувањето и запишувањето на учениците во августовскиот уписен рок ќе се врши на 24 август 2017 година, од 08 до 15 часот, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 25 август 2017 година. Училиштата кои во двата уписни рока не ги пополниле утврдените ученички места за запишување со овој Конкурс, продолжуваат со упис на ученици до 31 август 2017 година.

При пријавувањето, учениците треба да ги поднесат следните документи:

  1. Пријава за запишување ( ученикот ја подигнува од училиштето во кое сака да се запише и е бесплатна );

  2. Оригинални свидетелства од VI до IX одделение;

  3. Извод од матична книга на родените (оригинал, без оглед на датумот на издавањето).

За учениците од средното образование кои завршиле прва, втора и трета година, секое средно училиште ќе истакне на огласната табла датум на кој ќе се врши упис за наредната учебна година.