Советот ја одржа 51-та седница, а поради заминувањето на советниците од ВМРО ДПМНЕ не се одржа продолжението на 50-та седница PDF Печати

Советот на општина Струмица денеска ја одржа 51-та седница на која беа усвоени информации и повеќе предлог – одлуки, а кои се во интерес на граѓаните на Општината. За денеска беше закажано и продолжението на 50-та седница, но истото не се одржа заради тоа што советниците од ВМРО ДПМНЕ и Социјалистичката партија ја напуштија седницата и со тоа им го скратија правото на граѓаните и правните лица да ја продолжат постапката за легализација на своите објекти бидејќи ги чекаа одлуките на Советот на општина Струмица.

Најмногу внимание предизвика информацијата за состојбата на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот на патиштата на подрачјето на општина Струмица за периодот јули – декември 2016 година. Беа дадени неколку забелешки, но на крајот беше констатирано дека состојбата е задоволителна. Исто така на дневен ред беше и предлог – одлуката за означување на условите и утврдување режим на сообраќај на крстосница со кружен тек на булеварот „Климент Охридски“ и булеварот „Гоце Делчев“ каде што сега има семафори, а предвидено е да се направи кружен тек и со него да се регулира сообраќајот на оваа крстосница. Таму има проблеми со сообраќајната сигнализација и веруваме дека со кружниот тек ќе се воспостави поголем ред во сообраќајот и ќе има помалку сообраќајни незгоди. На денешната седница беа усвоени и шестте точки од областа на урбанизмот, односно, беа донесени одлуки за продолжување на постапката за легализација на бесправно изградените објекти на територијата на општина Струмица, сите беа изгласани, така што тие граѓани ќе можат да ја продолжат постапката за легализација при Секторот за урбанизам на општина Струмица. Исто така, сакам да кажам дека за денеска беше закажано и продолжението на 50-та седница на Советот на општина Струмица со 14 точки на дневниот ред, но советниците од ВМРО ДПМНЕ и Социјалистичката партија пред да започне продолжението, ја напуштија седницата, така што овие одлуки кои што се од областа на урбанизмот, односно, луѓето и правните лица кои што имаат потреба од донесување на одлука на Советот на општина Струмица за да ја продолжат својата постапка пред надлежниот орган, не можат да ја продолжат постапката од причина што седницата е прекината заради немање кворум, поради напуштањето на седницата од страна на советниците од ВМРО ДПМНЕ и Социјалистичката партија, рече Христов.