Домаќинствата во Струмица ќе добијат 5.500 бесплатни садови за комунален отпад

По распределбата на 3.000 садови за комунален отпад во 15 населени места, од денеска започна распределбата на 5.500 такви садови и на домаќинствата во градот. Домаќинствата бесплатно ќе ги добиваат овие 8.500 садови што ги набави општина Струмица и тоа во рамките на кампањата „Еко фронт – Чиста да ни е“ која што ја спроведуваат општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“, а чија цел е создавање на чиста и здрава средина за живот во градот и населените места. На пунктот од каде што почна распределбата во градот, беа градоначалникот Коста Јаневски и директорот на ЈПКД „Комуналец“ Зоран Горгиев.

Секое домаќинство ќе добие нов сад за одлагање на сметот и сметаме дека со тоа ќе придонесеме за подобрување на хигиената во градот и за поурбан изглед на градот. Се заложивме овие садови граѓаните да ги добијат бесплатно, значи Општината е таа што ќе ги плати овие садови и во рамките на големата кампања „Еко фронт-чиста да ни е“ ќе биде значаен придонес за подобрување на имиџот на нашиот град, како една средина која дава максимални напори за подобрување на амбиентот, рече градоначалникот Јаневски. Директорот на ЈПКД „Комуналец“ потсети дека вакви садови последен пат се делеле пред повеќе од 20 години. Ова уште на стартот од мандатот на градоначалникот го договоривме, затоа што градот Струмица ваква активност има реализирано пред повеќе од 20 години и садовите за собирање смет се веќе во катастрофална состојба и ете со заеднички сили го реализираме. Сметам дека и свеста кај граѓаните за правилно одлагање на отпадот, посебно во населените места каде во релативно краток период го собираме отпадот, ќе биде подигната на едно повисоко ниво и во новите садови да се става само комуналниот отпад и се надевам дека тоа ќе биде еден чекор во понатамошното организирање на собирањето на отпадот и се надевам дека во еден близок период како Општина и како Јавно претпријатие ќе собереме сила да давам канти и за селекција на отпадот, што пак ќе значи чекор напред во интегралното собирање и депонирање на отпадот во општина Струмица, рече директорот Горгиев.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544