СВ. Петнаесет тивериополски маченици

Локалитетот Св.15 Тивериополски Маченици сведочи за градот во доцноантичкиот период. На местото каде денес се наоѓа црквата Св. 15, култот на Св. Петнаесетте Тивериополски Маченици се одржал до дененс.

Првото нивно спомнување се наоѓа во Охридското глаголско евангелие од крајот на X и почетокот на XI век. Во месецословот што е додаток на евангелието се одбележува поменот на Струмичките маченици - Тимотеј, Теодор, Евсевиј и "дружине их". Во Охридскиот апостол од крајот на XII век се слават - Тимотеј, Комасиј, Евсевиј, Теодор, Петар, и "и инах".

Четворица од мачениците, Тимотеј, Камасиј, Евсевиј и Теодор заедно со другите единаесет маченици, бегајќи од прогоните на христијаните, за време на владеењето на царот Јулијан Апостата (361-365), побегнале од Никеја во Солун, а оттаму во Тивериопол - Струмица. По откривањето и мачењето тие настрадале во Тивериопол, каде што биле и погребани.

Петнаесетте Маченици од Тивериопол биле погребани во доцноантичка некропола, надвор од градот, каде што се закопувале христијаните. На овој простор е откриен комплекс од црковни градби во чиј централен дел се наоѓа голема засведена гробница. Централната гробница и другите 16 засведени гробници се изградени врз постар храм, односно ранохристијанска базилика, чиј под бил декориран со полихромен мозаик. Појавата на крстот меѓу мотивите на мозаикот укажува на христијански објект.

Од Базиликата е зачуван дел од апсидата на источната страна, северниот периметрален ѕид и основата на северниот стилобат. Подоцна над базиликата е изградена крстовидна црква. Изградбата на крстовидниот храм мартириум врз разурнатиот базиликален објект постои можност да бил изведен во текот на V век, или посигурно во VI век, во времето на Јустинијан, кога се обновени и ремоделирани многу запуштени храмови во Македонија. Над оваа црква во IX - X век е изградена друга крстовидна црква. Истата не налегнува на ѕидовите на базиликата. Изместена е на јужната страна и го зазема централниот кораб на базиликата, со нартекс и егзонартекс на западната страна. Во централниот дел на наосот на крстовидната црква сместена е голема засведена гробница. Во оваа гробница на западниот калкан е насликан колективниот портрет на 15-те мартири. Овој фрескоживопис по своите карактеристики спаѓа во редот на најстарите фрескоживописи откриени на подрачјето на Македонија. Црквата и гробот се датирани во IX - X век.

Петнаесетте мартири загинати во Тивериопол - Струмица, ја збогатиле Македонија со култот создаден врз нивните гробови. Овој храм уште од својот почеток играл голема улога во христијанизацијата на териториите источно од Вардар. Култот продолжил да живее во IX - X век, а тоа значи примање на култот меѓу словенското население во Македонија. Денес култот на Св. 15 Тивериополски Маченици е составен дел на модерна Струмица, а 11 - ти Декември е нејзин патрон.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544