СВ. Леонтиј

Комплексот цркви Св. Леонтиј се наоѓа во село Водоча на оддалеченост од 4 км. од Струмица. На локалитетот се сочувани три цркви (источна, западна и средна) со три фази на живописување во ентериерите, архитектонски остатоци, придружни објекти и манастирски комплекс, трпезарија, стопански објекти, две бањи и повеќеслојна христијанска некропола. Од ранохристијанскиот период се сочувани темелни партии од базилика со мермерна декоративна пластика од V и VI век, а во VII до IX век. Подоцна е подигната источната, трикорабна куполна црква, која била епископска. Оваа црква е оштетена во Самуиловиот период а подоцна е повторно обновена. Како епископска се споменува во 1018 год. во повелбите на Василиј II, по пропаста на Самуиловата држава. Денес од неа се зачувани олтарната апсида, проскомидијата и ѓакониконот. Првобитниот иконостас бил мермерен, а подот од мермерни плочи. Рушењето на црквата е поврзано со пропаста на Самуиловата држава и паѓањето на Струмица под византиска власт 1018 год.

 

Во периодот од 1018 до 1037 година изградена е западната, мала крстовидна куполна црква поцветена на Св. Богородица Елеуса и Воведение. Во струмичкиот крај во овој период постоеле три цркви на Св. Богородица Милостива (Елеуса) - Воведение, втората во Велјуса од 1080 година и во Струмица од 12-13 век. Овој специфичен случај дава повод да се верува дека Струмица и блиската околина во далечното минато била област на "Пресвета Богородица Милостива". Средната куполна црква на водочкиот комплекс е посветена на Св. Леонтиј, Христијански маченик од градот Триполи, област Феникија кој е убиен во времето на римскиот император Веспазијан во 69 и 79 год. поради прифаќањето на христијанството. Подигната е во почетокот на 12 век, таа е епископско седиште со сочуван синтронос во олтарната апсида, со нартекс на западната и со отворени тремови на јужната страна. Како епископско седиште се споменува во еден хилендарски акт во 1376 год. во кој водочкиот епископ Данил и банскиот епископ Григорие со претставници на световната власт ги решавале споровите околу границите на хилендарските имоти во околината на Струмица. Некрополата која се наоѓа на југозападната и северозападната страна исто така го отсликува богатиот духовен и културен живот на локалитетот.

Со археолошките истражувања се откриени преку 1000 гробови со прилози: накит и керамика кои се датирани од XiV - XIX век.

Живописувањето на ентериерот на водочкиот комплекс цркви се одвивал во три временски периоди во X, XI и XII бек. Иако сочуван фрагментарно поседува високи ликовни квалитети, а во сликарскиот израз се присутни влијанија од античката ликовна традиција и отпори кон влијанија од современите византиски стилско ликовни струења од Цариград и Солун и желба за раскинување со византиските сликарски принципи. Античкото сликарско влијание е застапено во еден мал фрагмент од половичен неиндитификуван лик од светител од X век, кој припаѓал на најстарата источна црква за чија што моделација на инкарнатот се користени широки намази на пигментите и акцентирање на експресија на очите и драматизмот.

Во оштетениот фреско-живопис во западната водочка црква посветена на Богородица Елеуса и Воведение присутни се нови идни настојувања на балканската византиска уметност. Особени белези на сликарството во оваа црква ги карактеризираат издолженоста на телата, и цврстата моделација на главите на Светителите. Фрагментираните сцени се со претстава од животот и детството на Пресвета Богородица, циклусот на црковни празници и претставата на фигурите на Светителите во цел раст на Св. Исавриос и Св. Евплос се насликани во периодот од 1018 и 1037 год, се вбројуваат меѓу ремек делата на средновековната уметност не само во Македонија, туку и во византиското сликарство воопшто. Во стилско-ликовен поглед оваа сликарство е блиско на сликарството остварено во црквата Св. Софија во Охрид, и со сликарството во црквите Св. Лука во Фокида и во Неа Мони на Хиос. Од фреско-живописот од средната водочка црква посветена на Св. Леонтиј која е насликана во првата половина на 12 век се сочувани претстави на шест Архиереи, сцени со претстава на Св. 4о Севастиски маченици.

 

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544