Историја

Градот Струмица заедно со својата најблиска околина, поволните географско-климатски карактеристики и богатото Струмичко поле, одсекогаш представувал важен крстопат на патиштата на разни култури и цивилизации кои го оставиле својот белег на оваа почва. Следејќи ги материјалните остатоци, создавани во разни историски епохи, почнувајќи од праисторијата, преку антиката, византиско-словенската, турскиот период, итн. Струмица е еден од ретките градови со напластено богатство на споменици.

Антички период

Почетокот на континуираното живеење во Струмица и во непосредната околина според археолошките истражувања, датира од VI милениум пр. н. е. (неолитска населба "Страната" кај с.Ангелци), а во непосредната близина на Струмица, поточно на Цареви Кули, е констатирана праисториска култура која егзистирала од времето на доцниот енеолит до раната бронза (почеток на IV- до сред на III милениум пр. н. е.).



Под името Астраион, градот за првпат во пишаните извори се среќава кај римскиот историчар Тит Ливиј, во 181 година пред новата ера, во врска со убиството на Деметриј братот на македонскиот крал Персеј (179-168 пр.н.е.), односно синот на Филип V (221-179). Името Астраион градот го добил по пајонското племе, Астраи. Во 168 година пр.н.е. Македонија паднала под римски протекторат и била поделена на четири мериди, а Астраион припаднал на втората мерида. Во 148 година пр.н.е. Македонија станала римска провинција.
Во римскиот период градот го променил своето име во Тивериопол, за што ни сведочи мермерниот постамент, посветен на патронот Тибериј Клавдиј Менон, од крајот на II и почетокот на III век. Во времето на римскиот цар, Јулијан Отпадник (361-363) во Тивериопол биле убиени Св. 15 Тивериополски свештеномаченици. Во 395 г. римската империја се распаднала, а Македонија припаднала на Источното Римско Царство. Потоа Тивериопол се наоѓал во составот на провинцијата Macedonia Salutaris (крај на IV век) и провинцијата Macedonia Secunda (крај на V век). За постоењето на градската населба од тој период сведочи доцноантичката урбана палата – Мачук.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544