Византиско - османлиски период


Струмица во османлискиот период во турската администрација ќе биде нарекувана Уструмџе. Таа ќе биде приклучена кон Ќустендилскиот санџак и во неа ќе биде воспоставен спахиско-тимарски систем. Во градот било населено номадско сточарско туркменско население, така што градот го сменил својот лик и почнал да добива ориентален изглед. Струмица според пописот од 1519 година имала 2780 жители, од кои 1450 христијани, а 1330 муслимани. Во тој период се одвивала и засилена исламизација на што се должи зголемениот број на муслимани 2200 на пописот од 1570 година, наспроти 1230 христијани.



Во XVII век, Струмица станала седиште на кадилук. Во тоа време во Струмица поминале и турските патеписци Хаџи Калфа (1665) и Евлија Челеби (1670), кои даваат опис на градот со сите муслимански објекти, кои ги имало во Струмица тогаш.
Кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век струмичката каза била во состав на Солунскиот санџак. Во XIX век зајакнало патријаршиското движење и гркоманското население зело замав. Тоа довело до силно антипатријаршиско движење во 60 – тите години на XIX век. Во 1860 година во Робово било отворено првото училиште на македонски јазик, а прв учител бил Арсени Костенцев од Штип. Во тој период твореле и големите струмички зографи Васил Ѓорѓиев и Григориј Пецанов, кои работеле на живописот и иконостасите на повеќе цркви, кои тогаш се отварале во струмичко.
Со Берлинскиот конгрес од 1878 година, кога Турција изгубила голем дел од своите владеења на Балканот (Босна, Србија, Црна Гора), а река од бегалци се слеала кон Македонија, а дел од нив и во Струмица. Тоа население се нарекува мухаџири.



Се потешката ситуација на македонското население под турската власт, допринела да се формира Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) на 23.10.1893 г. во Солун. Првиот човек кој ги прифатил идеите на ВМРО во струмичкиот регион бил Стојан Ѓорѓиев од Дабиле, кој во 1895 година го формирал и првиот месен комитет во Струмица. Во овие краишта бил формиран и дејствувал Огражденскиот окружен македонско-одрински револуционерен комитет. Еден од најистакнатите раководители на револуционерната организација бил Христо Чернопеев, кој учествувал и во Младотурската револуција (1908-1909), која не завршила со ослободување на македонскиот народ и останал под турско владеење.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544