Струмица во xx век


Со Првата балканска војна од 1912 година Турците биле победени и истерани од Македонија, а со тоа и од Струмица од страна на балканските сојузници (Србија, Бугарија, Грција и Црна Гора). Со Струмица ќе завладее Бугарија.



Во Втората балканска војна (1913г.), која се водела меѓу балканските сојузници за поделба на Македонија, Бугарија била поразена. Струмица со мировниот договор од Букурешт (28.07.1913), сепак останала под власт на Бугарија. Грчките војски, кои биле стационирани во Струмица, револтирани од одлуката за повлекување, го запалиле градот и тој горел во периодот од 8 до 15 август 1913 година, при што биле изгорени повеќе од 1900 јавни згради, приватни куќи и други објекти. Под бугарска власт Струмица ќе остане до 1919 година, кога со мировниот договор од Версај, со кој е завршена Првата светска војна, ќе влезе во составот на Кралството СХС ( од 1929 година Кралство Југославија). Во тоа кралство, македонскиот народ бил без никакви права и бил подложен на асимилација од Србија.



Во Втората светска војна, Струмица ќе биде завладеана од германската војска на 6 април 1941 година. Германија, со договорот што го имале склучено за сојуз со Бугарија, им ја предала Струмица под окупација на бугарските војски на 18 април 1941 година. Македонскиот народ, а со тоа и луѓето од Струмица незадоволни од окупацијата на фашистичките земји, започнале воени дејствија против нив. На 11 септември 1944 година бугарската војска била протерана од Струмица, а на 5 ноември 1944 година градот го напуштила и германската војска. За единствен народен херој од Струмица бил прогласен Благој Јанков - Мучето.



По војната Македонија влегла во федерацијата Југославија, како рамноправен народ. Со референдумот од 8 септември 1991 година, Македонија е независна држава.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544